„Преекспонирано“ во рацете на агентот за продажба The Open Reel

 

Македонскиот филм „Преекспонирано“, работен по сценарио и режија на Елеонора Венинова и во

продукција на ДНФ Филмс во ко-продукција со ЛИЛИТ, ја објави соработката со италијанскиот агент за продажба The Open Reel, кој ќе го застапува филмот пред странските фестивали и дистрибутери. Првата дестинација за „

Преекспонирано“ кој е во последната фаза на пост-продукција ќе биде маркетот во Кан, каде што филмот ќе биде прикажан на 23 мај на затворена проекција.

Според продуцентот на „Преекспонирано“, Гоце Кралевски, соработката со The Open Reel била воспоставена на работилницата Agora Work in progress на Филмскиот фестивал во Солун, Грција во октомври минатата година каде што Венинова и Кралевски го претставиле филмот пред потенцијалните партнери.

„На таа работилница имавме многу состаноци со потенцијални агенти за продажба, селектори на фестивали и дистрибутери, но The Open Reel ни оставија најголем впечаток со непосредниот однос, искрениот пристап и страста која ја имаа за нашиот филм. Навистина сме среќни што тие ќе не застапуваат, затоа што во услови на хиперпродукција на филмови од целиот свет, навистина е значајно да имате партнер којшто ќе го промовира филмот и ќе се бори за него. Со нетрпение ја чекаме следната фаза за „Преекспонирано“, а тоа е премиера на филмот и негова презентација пред публиката во Македонија и странство“.

The Open Reel е италијанска компанија за продажба на филмови која е фокусирана на артхаус филмови од млади режисери, а нивното портфолио содржи филмови кои имале премиери на големите фестивали, меѓу кои Беринале, Локарно и Торонто.