„Борба за смрт“ со телевизиска дистрибуција во Европа, САД и Азија
Краткометражниот филм „Борба за смрт“ е еден од ретките филмови кој обезбеди телевизиска дистрибуција, преку каналот Shorts TV, во Европа, Азија и Северна Америка, со што наградуваниот филм на авторката Елеонора Венинова продуциран од Гоце Кралевски од ДНФ филмс ќе стане достапен за милионската публика на овие континенти.
Филмот ќе се најде на телевизиските екрани во друштво на 3000 други филмови од целиот свет, меѓу кои се и кратките филмови номинирани за Оскар во изминатите 12 години, како и престижни документарни кратки филмови. Shorts TV е специјализиран филмски канал за кратки филмови кој во Европа се емитува во Германија, Белгија, Холандија, Словачка, Унгарија и Србија, а е достапен и преку поголемиот број кабелски оператори во САД. Дел од филмовите може да се гледаат и преку нивната онлајн платформа, но и да се купат преку I-tunes, Google Play и Amazon Instant Video. Каналот има соработка со престижни филмски фестивали од целиот свет од каде што ги селектираат и филмовите за нивниот каталог.
„Ова е одлична можност филмот да го видат милиони луѓе од целиот свет после успешниот фестивалски живот кој го имавме изминатите две години. Кратките филмови, особено оние од Македонија, ретко наоѓаат телевизиска дистрибуција затоа што кај нас нема интерес за нив, но во светот има многу можности да се најде дистрибуција. Само треба да имате добар филм и истрајност во барањето на соодветен дистрибутер или канал“, вели продуцентот Гоце Кралевски.
„Со продуцентот уште од почетокот си зададовме задача филмот да го однесеме на секој континент и успеавме тоа да го направиме со фестивалите на кои учествуваме. Обезбедувањето на телевизиска дистрибуција на краток филм во услови кога има илјадници квалитетни филмови од целиот свет е големо признание за целата екипа која работеше на ‘Борба за смрт‘„ вели сценаристката и режисерка Елеонора Венинова.
Филмот досега освои 6 награди и учествуваше на 40тина фестивали ширум светот, вклучувајќи голем број на фестивали кои се квалификациски за БАФТА, Оскар и Европските филмски награди.
Парадоксалната драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село се снимаше минатото лето во мариовското село Кален. Сценариото и режијата се наградуваната македонска филмска авторка Елеонора Венинова, продуцент е Гоце Кралевски од ДНФ филмс. Во улогата на двајцата дедовци се актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски, а директор на фотографија е Димо Попов. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм во соработка со Канал 5 телевизија.